
Миленковски: Со полна сала до максимална победа против Грузија!
Натпреварот со Грузија е клучен за пласман на четвртото Европско првенство по ред. Не успеавме да освоиме сет во Грција за да си ја олесниме работата, па за пласман на континенталниот собир сега ни е потребна максимална победа против Грузија со колку што е можно помалку загубени поени.
„Натпреварот со Грција го оставаме зад нас. Игравме против моќна репрезентација составена од квалитетни играчи. Во поголемиот дел од напреварот тоа го докажаа на теренот иако и ние имавме добри моменти, особено во третиот сет кога стигнавме и до две сет топки, но не ги реализиравме. Со тој сет или без него секако дека мораме да ја победиме Грузија со максимален резултат во Скопје. Освоивме голем број на поени против Грција што ни дава за право да се надеваме на успех во овие квалификации. Погледите се насочени кон натпреварот со Грузија, на кој сме сега комплетно фокусирани. Очекуваме полна сала и поддршка од љубителите на одбојката, со чија помош ќе дојдеме до посакуваниот резултат и ќе обезбедиме уште едно учество на Европско првенство“, вели селекторот Миленкоски.
Македонија е во борба за место меѓу петте најдобровторопласирани селекции кои заедно со седумте победници во групите обезбедуваат место на Европското првенство.
Математиката вели дека Македонија се бори со Австрија и Норвешка и треба да имаме подобар поен-количник од нив за да ја оствариме целта.