Одобрена продажбата на најтрофејниот НБА тим за неверојатни – 6 милијарди долари!

Управниот одбор на НБА даде зелено светло за продажбата на Бостон Селтикс на група инвеститори предводена од Вилијам Чишолм, коосновач на приватниот фонд „Симфони технолоџи груп“ и долгогодишен поддржувач на тимот.

Со оваа одлука заврши процесот што започна пред пет месеци, кога беше објавено дека клубот ќе добие нови сопственици. Вредноста на договорот изнесува 6,1 милијарда долари – износ кој до неодамна претставуваше рекордна продажба на американски спортски клуб. Сепак, тој рекорд беше соборен во јуни, кога ЛА Лејкерс беа продадени на милијардерот Марк Волтер за 10 милијарди долари.

Селтикс, најтрофејниот клуб во историјата на НБА со 18 шампионски титули, досега беа во сопственост на група предводена од Вик Гроусбек. Тие го купија тимот во 2002 година за 360 милиони долари – сума која денес изгледа симболична во споредба со актуелната вредност на франшизата.

ФОТО: EPA PHOTO