Борба за европски трофеј во Удине: ПСЖ или Тотнем ќе има „супер-отворање“ на сезоната!

Денеска со почеток од 21 часот во италијанскиот град Удине се игра УЕФА Суперкупот меѓу освојувачот на Лигата на шампионите ПСЖ и победникот во Лига Европа, тимот на Тотнем.

Кој и да победи ќе испише клупска историја, ниту ПСЖ, ниту Тотнем досега го немаат освоено трофејот од Суперкупот на УЕФА.

Самото освојување на европските трофеи од минатата сезона е историски успех за двете екипи, а денешниот трофеј за еден од нив ќе биде само шлагот на тортата.

ПСЖ е голем фаворит во оваа пресметка, Тотнем со нов тренер, Томас Франк, ќе се обиде да направи ново изненадување.

„Со нетпрение го очекуваме овој натпревар. Финалето е голем настан. Тотнем имаа тренерска смена, па не знам каков ќе биде нивниот план за игра. Тие веќе еден месец тренираат заедно, ние само една недела. Но не бараме изговори, ќе дадеме се од себе. Ова е нешто ново за нас, не сме навикнати, но желни сме за трофеи. Се надевам дека на крајот ќе победиме со нашиот фудбал“, рече Луис Енрике на пре-конференцијата пред натпреварот.

Иако трофејот им го донесе Анже Постекоглу, газдата на Тотнем, Даниел Леви реши да му врачи отказ и на негово место да го донесе Томас Франк кој иако нема никакви заслуги, се најде во позиција да се бори за големиот трофеј.

„Играме против многу силен противник иако ПСЖ е далеку од својата најголема форма. За Тотнем ова е многу важен натпревар и сериозен тест. Ќе се обидеме да ја искористиме формата на ПСЖ и со максимална фокусираност во мечот ќе се обидеме да дојдеме до победата“, изјави Томас Франк.