
Работнички има сериозен испит во Кавадарци, Тиквеш почнува ново поглавје
Тиквеш летово сврте нов лист, сезоната ја почнува со нова сопственичка структура која треба да донесе стабилност во кавадаречкиот клуб.
„Сите знаеме дека со доаѓањето на новиот сопственик на клубот, Осман Таш, амбициите на ФК Тиквеш се далеку посериозни. Како на организациски план, така и на резултатски. Минавме одличен главен дел од подготовките во Турција, имавме и повеќе од доволно време да се воиграме, новите играчи да се адаптираат на средината, градот, клубот и мислам дека сме на добар пат. Тиквеш како клуб, а тука пред се мислам на управата, стручниот штаб и играчите на почетокот на подготовките си поставивме јасна цел. Да сме подобро пласирани на табелата од минатата сезона. Од она што летово го видов, а и го одработивме, јас сум оптимист. Мислам дека Тиквеш има квалитет да биде на местата на табелата кои што водат во Европа. Но, одиме чекор по чекор“, вели напаѓачот Александар Мишов.
Првиот предизвик е Работнички кој имаше разочарувачки настап во Европа.
„Голем респект за тимот на Работнички. Сите знаеме за каков клуб станува збор. Ќе сториме се за бодовите да останат во Кавадарци. И за нас како клуб, но пред се за нашите верни Лозари, кои го заслужуваат тоа“, додаде Мишов.
Новиот капитен на Работнички, Бесир Демири вели дека тие се подготвени за новата сезона, а гостувањето во Кавадарци ќе биде вистински тест за можностите.
„По настапите во Конференциската лига и елиминацијата, нашите мисли во изминатите дваесетина дена се насочени кон стартот на првенството. Мислам дека сме добро подготвени, но тоа ќе мора да го покажеме и на теренот. Гостувањето во Кавадарци секако е сериозен испит, Тиквеш е квалитетен тим, ова лето и дополнително се засили, а и посебно добро игра пред своите гледачи. Знаеме дека нѐ очекува еден тежок натпревар, но подготвени сме да го дадеме најдоброто од нас и ќе се обидеме да освоииме бодови“, вели Демири.