Синер за само 59 минути ја мина првата пречка на мастерсот во Синсинати!

Најдобриот тенисер во светот, Јаник Синер, без поголеми проблеми обезбеди пласман во третото коло на мастерс-турнирот на тврда подлога во Синсинати, кој се игра за награден фонд од 9,193 милиони долари.

Првиот носител, по едномесечна пауза, за само 59 минути го совлада колумбискиот квалификант, Даниел Елахи Галан со убедливи 6-1, 6-1. Тој и покрај тоа напомена дека условите во овој американски град носат голем предизвик за натпреварувачите.

„Тешко е да се игра тука, топката лета неправилно и е многу брза. Ако изгубите самодоверба во неколку удари, играта станува навистина комплицирана“, изјави Италијанецот.

Синер во следната рунда ќе се сретне со Канаѓанецот Габриел Диало, кој го елиминира Себастијан Баез од Аргентина со 7-5, 6-4. Турнирот го напуштија двајца од носителите – Французинот Артјур Риндеркнеш го совлада 11. носител Каспер Руд од Норвешка (6-7, 6-4, 6-2), додека осмиот носител Лоренцо Музети загуби од Бенџамин Бонзи (7-5, 4-6, 6-7). Пласман во следната фаза обезбедија и Тејлор Фриц, Холгер Руне, Франсис Тиафо, Томи Пол, Феликс Оже-Алиасим и Стефанос Циципас.

ФОТО: X / @wnjhug