Илиевски: Енергијата и хемијата во репрезентацијата функционираат беспрекорно

Македонската кошаркарска репрезентација вечерва го оствари вториот триумф против Швајцарија (65-52) во Гевгелија, а селекторот Марјан Илиевски кажа дека е задоволен од сработеното со неговите избраници.

Илиевски потенцираше дека го радува то ашто енергијата и хемијата во репрезентацијата функционираат беспрекорно.

„Јас секој пат ќе се сложам и ќе кажам дека без разлика колку поени сме дале, треба што помалку да примиме. Тоа што ме радува е енергијата и хемијата кои функционираат беспрекорно во репрезентацијата. Во однос на загубените топки бевме подобри од вчерашниот меч. Нè краси транзиција и тоа што секој играч го дава максимумот. Имаме уште една недела да работиме пред Романија, задоволен сум од досега сработеното, но имаме уште многу за работа“, кажа Илиевски.

Селекторот во однос на минутажата на дел од кошаркарите кажа дека дел од нив не добиле шанса зашто се жалеле на болка.

„Дел од играчите се жалеа на болка и затоа не беа во конкуренција. Забелешката која ја имаат некои се кошевите кои се постигнати помалку, а имавме кошаркари кои се на 20-годишна возраст кои треба да ги поддржиме. Нормално е да има пад на играта кога ќе бидат на теренот. И вчера и денеска започнавме со различни петорки, но веќе имаме визија кој и колку може. Меѓутоа, многу кратко сме заедно за да фаворизирам некои пет играчи“, додаде селекторот.

Илиевски вели дека сè уште не ја анализирале Романија, со која ќе играме во претквалификациите во групата Б за Светското првенство.

„Романија сè уште не сме ја анализирале, зашто не знаеме кој е нивниот странски играч, иако веќе знаеме кој е носител на нивната игра, па тоа ќе го видиме во следните денови“, посочи Илиевски.

Македонија ќе се соочи против Романија на 2 август од 20 часот.