Англичаните трошат како никогаш - се ближат кон 2 милијарди евра летово

Уште не завршил ни јули, а премиерлигашите веќе потрошија огромни средства за нови фудбалери.

Сметајќи го и мини-преодниот рок кој беше отворен за засилувања за Светското клупско првенство, Англичаните ја достигнале бројката од 1,87 милијарди евра, а на оваа сума не е додаден Виктор Ѓокереш кој најверојатно викендов ќе стане нов играч на Арсенал. Најголем дел од овие средства одат на неколку финансиски најмоќни клубови.

Доминира Ливерпул кој потроши 307 милиони евра, а сака да купи уште еден напаѓач за над 100 милиони. Втор на листата е Челси со 242 милиона, а трет Арсенал со 156 милиони на кого наскоро ќе биде додаден спомнатиот Ѓокереш.

Понатаму следуваат Манчестер Јунајтед со 153 милиони, Манчестер Сити со 145 и Тотнем со 140 милиони евра. До почетокот на новата сезона во Англија има уште три недели, а до крајот на преодниот рок уште повеќе од еден месец и јасно е дека вкупната вредност ќе биде уште повеќе зголемена, можеби и удвоена.