
Подмладената Македонија почна со победа - покажа дека и без секого се може!
Нашата селекција славеше со 62-56 во меч во кој го диктираше темпото цело второ полувреме, имаше и +20 и покажа дека има свртла иднина во овој тим.
Македонската репрезентација почна мошне лошо, по три минути игра гостите водеа со 7-0, а дури во четврата, нашите кошаркари го постигнаа првиот кош. Сепак, мора да се истакне дека во почетната фаза од мечот, двете селекции не беа многу расположени за реализација и во седмата минута беше 10-9 за Швајцарија.
Гостинската селекција водеше до средината на втората четвртина, Македонија постојано ѝ беше зад петите, а Вајли и Мекиќ пропуштија по една шанса за пресврт, погодувајќи само едно од две слободни фрлања. Она што не им успеа на нив, го направи Андреј Митревски во 16. минута кога со тројка ја донесе својата репрезентација во прво водство, со 22-19. Швајцарија се врати со серија од четири поени за нова предност, но тоа беше се од оваа репрезентација на овој меч.
Во следните десет минути гостите постигнаа само десет пони, кошаркарите на Марјан Илиевски целосно ги зедоа работите во свои раце и во финишот од третиот период дојдоа до огромни и највисоки на натпреварот 53-33. Сите што се појавија во игра имаа заслуга, ама големиот пресврт во играта дојде најмногу по заслуга на фантастичниот Вајли и расположениот за шут Андреј Митревски кој погоди четири тројки од исто толку обиди. Швајцарите во финишот од третата четвртина направија серија од 14-0 и се доближија на шест поени негатива (47-53), но тоа беше период кога Илиевски на терен извади исклучително млада петорка, во која највозрасниот имаше само 23 години, а двајца од кошаркарите беа тинејџери.
Со стартот на последнииот квартал, на терен се вратија најискусните, Вајли „нагази“ во нападот и македонската репрезентација повторно отиде на двоцифрена предност. Точка на мечот стави Андреј Митревски со својата петта тројка, на две минути пред крајот, за недостижни 62-50.
Илиевски им даде минутажа на сите 17 кошаркари кои ги има во моментов н располагање, најефикасен беше Митревски со 15 поени, сите од тројки, а двоцифрен беше уште Вајли со 13. Утре во истиот термин (19 часот), Македонија и Швајцарија ќе одиграат уште еден меч.