МЗТ ги избегна најсилните ривали, ТФТ доби пеколен распоред во АБА2!

Екипата на МЗТ Скопје доби одличен распоред за новата сезона во АБА2-лигата, откако според новиот формат налик на тој од фудбалската Лига на шампиони за ривали доби екипи кои не важат за тешки противници, а што успеа да ги избегне најголемите фаворити – Цибона и Морнар.

Аеродромци новата сезона ќе ја отворат на домашен терен против Вршац, по што следуваат две гостувања – кај Сутјеска и кај дебитантот во оваа конкуренција, босанскиот тим Студент. Македонскиот првак до крајот на регуларниот дел од сезоната на домашен терен ќе пречека Јахорина (БиХ), уште еден состав кој првпат игра во АБА2, како и Војводина и Подгорица, а ќе им гостува на Златибор и Широки.

ТФТ, пак, сезоната ќе ја почне на гости кај поранешниот европски првак Цибона, по што домаќе ќе игра против Војводина, Хелиос, Слобода Тузла и Студент, а ќе им гостува уште и на Широки и на Борац Бања Лука.

Сезоната почнува на 7 октомври, а пласман во плејофот ќе обезбедат осумте најдобри на табелата, кои ќе продолжат до финалето според систем „кој прв до два“.