Пјастри ја збриша конкуренцијата – ќе стартува прв на спринтот во Белгија!

Најдобриот во формула 1-првенството во моментов, Оскар Пјастри, доминираше во квалификациите за спринт трката закажана за утре во склоп на голмата награда на Белгија, откако извозе фантастичен круг во третата рунда од квалификациите.

Возачот на Мекларен имаше за околу половина секунда подобро време од актуелниот првак, Макс Ферстапен (Ред Бул), а беше уште подоминантен во однос на клупскиот колега, Ландо Норис, кој ќе стартува од третата позиција. Четвртото место на Шарл Леклер е мала утеха за Ферари, кој остана без Луис Хамилтон уште по првата квалификациска рунда. Лоша сесија имаше и Мерцедес, од каде што Џорџ Расел испадна во втората, а Кими Антонели во првата пресметка.

Изненадување направи тимот на Хас, кој има двајца возачи меѓу најдобрите 10 – Естебан Окон ќе го почне спринтот од петтата, а Оливер Берман од седмата позиција.