Рашфорд е прв Англичанец во Барса во последните 36 години, а ќе го носи бројот на својот идол

Маркус Рашфорд вчера официјално беше промовиран како нов играч на Барселона иако со тренинзи почна уште во понеделникот кога пристигна во Каталонија.

Барса најде фудбалер кој може да игра и како крило и како централен напаѓач, но со Рашфорд стави крај на период кој траеше 36 години. Толку време во клубот немаше ниеден англиски фудбалер, практично од заминувањето на Гери Линекер кој го носеше дресот на Барселона од 1986 до 1989 година. Поранешниот напаѓач одигра вкупно 138 натпревари за екипата и постигна 51 гол.

Рашфорд во Барселона ќе го преземе бројот 14 кој минатата сезона беше сопственост на Пабло Торе, фудбалер кој летово замина во Мајорка. Англичанецот се одлучи за овој број во чест на неговиот идол Тиери Анри кој беше член на Барса од 2007 до 2010 година и ја носеше токму 14-ката.

Англискиот репрезентативец е трето засилување за Барселона во летниот преоден рок, по голманот Жоан Гарсија и десното крило Руни Барджи.