„Едвај чекам пак да заиграм во дресот на Македонија!“

Американецот со македонски пасош, Џејкоб Вајли, повторно е дел од сениорскиот национален тим, откако без двоумење го прифати повикот на селекторот Марјан Илиевски и денеска им се приклучи на подготовките за претквалификациските мечеви во август.

Со својата физичка моќ и искуство, Вајли ќе има клучна улога во играта под кошевите, каде што жолто-црвените имаат најголема потреба од засилување. Истовремено ќе биде највозрасниот играч во составот и заедно со Андреј Магдевски и Адем Мекиќ ќе ја предводи подмладената репрезентација.

„Многу сум среќен што повторно сум тука по неколку години пауза. Штом се јавија од федерацијата, веднаш прифатив. Посебна радост ми е што и моето семејство е тука со мене – ќе ме бодрат од трибините додека играм за Македонија, чиј дрес едвај чекам да го облечам“, изјави Вајли по пристигнувањето во хотелот „Аполонија“ во Гевгелија.

Тој истакна дека е подготвен да ја преземе лидерската улога во екипата, свесен за одговорноста што ја носи неговото искуство:

„Знам дека тимот е подмладен – тоа е природен процес. Ќе дадам сè од себе за да внесам позитивна енергија, да бидам поддршка на помладите и да помогнам на теренот и надвор од него. Целта е јасна – да дојдеме до што подобри резултати.“

Македонија првиот претквалификациски меч за СП 2027 година ќе го одигра на 2 август против Романија во Куманово, а во нашата група е уште и Унгарија. Пласман во следната рунда ќе обезбедат двете најдобри селекции.