Лозана има напаѓач на Манчестер јунајтед од славна фудбалска фамилија! (ВИДЕО)

Вардар вечерва од 20:30 часот ќе ја пречека Лозана во рамките на првиот натпревар од второто квалификациско коло во Конференциската лига, гостите се соочуваат со проблем поради повреди на важни играчи.

Еден од нив е напаѓачот на Манчестер јунајтед, 18-годишниот Енцо Кана-Бијик кој ова лето во Лозана дојде на позајмица до крајот на сезоната.

Тој поради повреда нема да биде во комбинација за вечерашниот меч со Вардар, а дополнително ќе се знае дали ќе биде подготвен за реваншот.

Енцо Кана-Бијик потекнува од славна фудбалска фамилија. Негов чичко е Франсиоа Оман-Бијик, камерунскиот фудбалер кој се прослави на светското првенство Италија 1990 година кога го даде единствениот гол за Камерун во победата над Аргентина. Тоа се случи на отворањето на Мундијалот.

Во таа репрезентација на Камерун играше и таткото на Енцо Кана-Бијик, Андре Кана-Бијик кој има дури 80 натпревари за националниот тим.

Енцо Кана-Бијиќ важи за многу перспективен напаѓач, кој за разлика од неговата фамилија, засега настапува за младинските селекции на Франција, но уште не одбрал за која сениорска репрезентација ќе игра.

Лозана ќе биде ослабена и за неиграње на нивниот највреден фудбалер. 22-годишниот Алвин Санчез кој се проценува на 14 милиони евра. Тој има скинати лигаменти и се очекува да се врати во октомври.