Пропаднаа плановите на Барса - нема „Гампер куп“ на Камп Ноу

Иако минатиот месец го најави враќањето на Камп Ноу за 10 август, раководството на Барселона денеска мораше да голтне кнедла и повторно да го одложи.

Планот беше на 10 август на реновираниот стадион да се одржи традиционалниот „Гампер куп“, најверојатно против Комо, но Градскиот совет на Барселона не дозволи тоа да се случи. Причината лежи во доцнењето на работите на Камп Ноу бидејќи стручните лица сметаат дека се уште не постојат услови на овој објект да се играат натпревари затоа што реновирањето уште трае. „Каталонците“ сакаа мечот од „Гампер купот“ да се игра пред 20-тина илјади гледачи, а понатаму капацитетот да се зголемува, но ќе мора да почека уште малку.

Место на Камп Ноу, ревијалниот натпревар ќе се игра на помошниот стадион на Барселона, „Јохан Кројф“ кој има капацитет од околу 6.000 места. Во комбинација беше Монжуик каде екипата играше претходните две години, но таа опција отпадна поради настан што се одржува таму во истиот период.

Сега Барселона се најде во исклучително незгодна ситуација бидејќи е неизвесно дали стадионот ќе добие дозвола за почетокот од новата сезона. Ла Лига му излезе во пресрет на клубот и при ждрепката ја постави како гостин во првите три кола, но прашање е дали работите ќе бидат готови до 14 септември кога се игра четвртиот круг, а во него Барса треба да ја пречека Валенсија. Уште поголем проблем е тоа што треба да пријави терен каде ќе ги игра натпреварите од Лигата на шампионите, а таму не е дозволена промена од првично пријавениот стадион во натамошниот дел од сезоната.