Мекиќ ѝ се приклучи на репрезентацијата, Илиевски повика уште еден од ТФТ

Македонската репрезентација од денеска е побројна за еден член откако на подготовките во Гевгелија се приклучи еден од оние со најдолг стаж во националниот тим Адем Мекиќ.

Заедно со Мекиќ, Илиевски на располагање има 12 кошаркари, а следните денови се очекуваат уште неколку сениори, како и младинските репрезентативци кои се на Европското првенство Б-дивизија во Ерменија.

„Поради претходно договорените обврски не бев во ситуација да бидам со тимот од првиот ден. Но подготвен сум, знам што се очекува од нас. Прво да ја ‘поминеме’ оваа главна фаза од подготовките, потоа ќе размислуваме за противниците во претквалификациите. Ќе имаме и две контролни средби тука, против Швајцарија, кои ќе ни бидат еден од показателите до каде сме во пресрет на дуелите со Романија и со Унгарија“, изјави Мекиќ по доаѓањето.

Дополнително, селекторот Марјан Илиевски го повика поранешниот младински репрезентативец на Македонија, Никола Василевски кој е трет кошаркар на ТФТ што доби покана да му се приклучи на тимот последните два дена. Претходно, во репрезентацијата се вклучија Виктор Ташовски и Тома Стојаноски кои не беа на првичниот список на кошаркари. Василевски ќе пристигне во Гевгелија в понеделник и ќе ја зголеми конкуренцијата на плејмејкерската позиција.