
Вардар во судиското продолжение пропушти победа против Ла Фиорита, реми кое не боли! (ВИДЕО)
Слично како и во Скопје, Вардар и денешниот меч го почна бавно, со безидејно прво полувреме и ретки закани кон голот на Ла Фиорита.
По само десет минути игра домаќините дојдоа до водство. Мишковски играше со рака во сопствениот шеснаесетник, судијата досуди пенал. Афонсо беше прецизен од белата точка за радост на домашната публика, водство на Ла Фиорита од 1-0.
Вардар ја имаше иницијативата, но не успеваше да го загрози голот на домаќините. Првата сериозна шанса вардарци ја имаа дури во 42. минута кога Закариќ биеше од далечина во пречката од голот на Виван.
На почетокот од второто полувреме Седлоски направи три измени, во игра влегоа Данев, Мато и Кастенеда. Вардар тргна уште поофанзивно кон голот на Ла Фиорита барајќи израмнување.
По неколку минути игра во вториот дел Омерагиќ се најде во одлична прилика, но лошо ја зафати топката и шансата пропадна.
Израмнувањето дојде во 59. минута кога Роџерс Мато погоди од пенал за 1-1. Ударот од белата точка беше досуден поради игра со рака на фудбалер на Ла Фиорита во шеснаесетникот по едно додавање од Олаосебикан.
Во 61. минута Вардар пропушти голема шанса да поведе, по еден корнер Матиќ биеше со глава, но голманот Виван со крајни напори го одбрани неговиот удар.
Десетина минути подоцна Омерагиќ повторно се најде во идеална позиција по додавање од Мато, но и овојпат не успеа да реализира.
На пет минути до крајот се случи комплетен пресврт, Кастанада нафрли, Грандони си даде автогол за водство на Вардар од 2-1.
Се чинеше дека Вардар ќе победи и овојпат, но тоа не се случи откако Јанкулов во судиското продолжение си постигна автогол за конечните 2-2.
Вардаровите фудбалери во текот на целиот меч имаа поддршка од Комити кои допатуваа во голем број во Сан Марино.
Во второто квалификациско коло од Конференциската лига Вардар најпрво ја пречекува Лозана во Скопје на 24 јули, а седум дена подоцна македонскиот тим гостува во Швајцарија.