Ефремовски потпиша нов договор - ќе остане уште две години во Работнички!

Актуелниот капитен на Работнички, Виктор Ефремовски го продолжи договорот со клубот од Градски парк на уште две сезони.

Репрезентативецот е единствен во актуелниот состав кој има титула и воопшто трофеј со Работнички. Тој беше дел од тимот при освојувањето на последната титула, во 2018 година, како и на последниот пехар во Купот на Македонија, освоен една година подоцна.

Покрај него, од играчите на Работнички титули имаат и Стојан Ѓуроски и Дамјан Робев, но освоени со МЗТ Скопје. Минатата сезона Ефремовски беше најефикасен македонски кошаркар во АБА 2 лигата со просек од 11,2 поена по натпревар. Заедно со двете години од новиот договор, 26-годишниот гостиварец ќе комплетира една деценија во тимот на Работнички.

Летово тимот од Градски парк го ангажира Владимир Мирковски за нов тренер, на местото на Горан Самарџиев, а досега како засилувања ги донесе Филип Наков од Вардар и Американецот Брет Томпсон. Ефремовски е прв од досегашниот играчки кадар кој го продолжи договорот со клубот.

Фото: ABA League