
Алонсо емотивно се збогува од Пелистер и од Битола: Вие сте неверојатни!
Тој со објава на социјалните мрежи емотивно се збогува со битолскиот клуб и неговите навивачи, порачувајќи дека оваа одлука ја носи со тешко срце, но дека е мотивирана од семејни причини.
„Постојат моменти во животот кои засекогаш остануваат во срцето... Денеска морам да соопштам дека прифаќам нов професионален предизвик и си заминувам од Пелистер. Оваа одлука беше тешка за мене, но на крајот е онаа што е вистинска за мене и е базирана на семејни причини“, напиша Алонсо.
Во објавата, тој се потсети на најголемите успеси со клубот, меѓу кои и освоената титула во македонското првенство и настапите во Лигата на шампионите.
„Тоа што го доживеавме заедно беше навистина посебно – шампионската титула, нашето патување во Лигата на шампионите, еуфоријата во салата, вашата поддршка, неверојатните натпревари и моменти! Ви благодарам за секој миг на поддршка. Вие сте неверојатни!“, дополни Алонсо.
Шпанецот лани во ноември седна на клупата на Пелистер и на крајот си заминува со тешко освоена титула и тоа во последното коло со победа над директниот ривал Вардар во Скопје. Клубот сѐ уште официјално не објавил кој ќе биде неговиот наследник.