Меси ги загуби нервите - го нападна Витиња, па на крајот се прегрна со него (ВИДЕО)

Иако не по своја вина, Лионел Меси доживеа уште еден дебакл откако денеска ПСЖ го растури неговиот Интер Мајами со 4-0 во осминафиналето на Светското клупско првенство.

На сите им беше јасно дека европскиот шампион е фаворит во однос на полуаметерскиот тим од САД кој има четворица поранешни фудбалери на Барселона, но сите на возраст од 37 до 38 години и на залез на кариерата, па тие беа немоќни да направат нешто повеќе. ПСЖ ги постигна сите четири гола во првото полувреме и вториот дел беше само формалност во која „светците“ ги чуваа силите за следните искушенија.

Во услови кога не можеше да изгради ниедна течна акција, Лионел Меси во еден момент ги загуби нервите и остро стартуваше врз противничкиот фудбалер Витиња. Португалецот иако доби удар во нозете, не се осврна многу на тоа и продолжи со играта.

Меси и Витиња беа соиграчи додека Аргентинецот го носеше дресот на ПСЖ и веројатно нема ништо лошо меѓу нив за што сведочи прегратката по завршувањето на натпреварот.