Данска е нов светски јуниорски првак, но Фарски Острови испишаа историја

Младите ракометари на Фарски Острови се запишаа во историјата на спортот во своајта земја откако на Светското првенство за играчи до 21 година ја победи Шведска со 27-26 во мечот за третото место и го освоија првиот медал за својата држава.

Ова е круна на развојот на младинскиот ракомет на Фарски Острови чија селекција до 21 година на претходниот Мундијал пред две години стигна до четвртфиналето каде загуби од Србија, а на крајот го освои седмото место со биланс од шест победи и само два пораза. Сличен ефект имаа и на годинашниот шампионат на кој повторно остварија шест победи и два пораза, но имаа и едно реми, само што тоа сега им донесе медал.

Светската титула во оваа конкуренција ја освои Данска која во финалето ја совлада Португалија со 29-26. За Данска тоа е четврти трофеј во историјата, прв по пауза од 20 години и сега е на само еден пехар од рекордерот СССР.

И македонската јуниорска репрезентација настапи на овој шампионат и го освои 25. место.