
Лудо финале: Белгија стигна -12 во последните три минути и ја одбрани европската титула
Финалето во арената „Мир и пријателство“ во Пиреја ќе остане запишано во историјата на европските првенства како едно од најлудите, но и најдраматични. Шпанките водеа во најголем дел од мечот, но се чинеше дека ја завршија работата кога на три минути пред крајот поведоа со 12 поени разлика (65-53).
Следуваше неверојатен финиш на белгиските кошаркарки кои го затворија натпреварот со серија од 14-0, а сето тоа поради невидената индолентност на противничките кои веројатно помислија дека ја завршија работата. Врв на таквото однесување беше акцијата на 17 секунди пред крајот, при водство од 65-64, кога прво мирно ја пренесоа топката преку половина за потоа да им ја подарат на Белгијките, а Делере од тој напад го комплетираше комплетниот пресврт.
За Шпанија останаа пет секунди, во следниот напад дојде до голема конфузија откако еден од судиите покажа лична грешка при шут од центар и потенцијални три слободни фрлања за „фуријата“, но по консултациите, одлуката беше променета и досудени чекори од Карера.
Жули Алеман беше најефикасна кај Белгија со 19 поени, но повторно најзаслужна за триумфот беше ветеранката Ема Месеман која беше блиску до трипл дабл со 16 поени, 11 скока и 7 асистенции. Ајусо, Пуејо и Гинсо со по 11 поени ја предводеа шпанската репрезентација.
Бронзениот медал на Европското првенство го освои Италија која во „малото финале“ ја совлада Франција со 69-54.