„Македонецот“ со плачење се збогува со Париз: Не ми беше лесно! (ВИДЕО)

Член на идеалната петорка на Евролигата и репрезентативец на Македонија, Ти-Џеј Шортс, повеќе не е играч на Париз баскет откако потпиша двегодишен договор со Панатинаикос.

Францускиот шампион набрзо потоа објави емотивно видео во кое плејмејкерот се збогува со клубот што му беше дом во изминатите две сезони. Во договорот на 27-годишниот кошаркар со грчкиот тим не постои клаузула која му овозможува заминување доколку добие понуда од НБА, што јасно укажува на неговата посветеност кон новиот клуб.

„Оваа одлука не беше лесна. Имаше многу емоции. Париз беше мој дом две години“, изјави расплаканиот Шортс во видео-пораката.

Тој откри дека пред да ја донесе конечната одлука се консултирал со семејството и агентот. Шортс имаше блескава сезона во Евролигата со просек од 18,7 поени, 7,5 асистенции, 2,7 скока и 1,1 украдена топка по натпревар. Со своите настапи одигра клучна улога во најголемиот успех во историјата на Париз – освојување на првата титула шампион на Франција, победувајќи го Монако со 3-2 во финалната серија.