Црвена звезда плати дури милион евра за да го задржи Филип Петрушев!

Центарот на Црвена звезда и српски репрезентативец, Филип Петрушев, ќе продолжи да игра за белградскиот клуб и следната сезона, а белградскиот клуб за тоа ќе плати отштета од еден милион евра на грчкиот Олимпијакос.

Според „Спортал“, трансферот е финализиран во ноќта меѓу понеделник и вторник, како резултат на повеќенеделни напори на управата на Црвена звезда. Со тоа, Петрушев повеќе нема да настапува како позајмен играч, туку целосно преминува во редовите на српскиот клуб. Оваа промена е значајна за „црвено-белите“, бидејќи ланскиот договор со Олимпијакос предвидуваше Петрушев да не игра во дуелите против тимот од Пиреја. Сега, со целосниот трансфер, тие ограничувања се отстрануваат.

Грчкиот клуб веќе не сметал на услугите на 25-годишниот кошаркар, а една од причите за тоа се критиките од тренерот Јоргос Барцокас, кој го обвини за недисциплина и непрофесионален однос.

„Се однесуваше како да сака да си замине, не слушаше и не се залагаше на теренот. Таквото однесување беше неприфатливо“, изјави Барцокас.

Освен Црвена звезда, за Петрушев наводно интерес покажал и израелскиот Хапоел Тел Авив, но белградскиот клуб успеал да ја добие трката за неговиот потпис.