
Вардар се засили со Аргентинец – играл и за Бока Јуниорс!
Станува збор за 26-годишен фудбалер од средниот ред, кој во црвено-црниот табор доаѓа од црногорскиот тим Петровац. Тој игра офанзивно, за што доказ се седумте гола и петте асистенции остварени минатата сезона во Црна Гора.
Кастањеда претходно има играно за легендарната Бока Јуниорс, прво во тимот до 20 години, а подоцна и за Б-составот на екипата од Буенос Аирес. Брзината, добрата техника, прецизните додавања и борбениот темперамент го прават вреден играч во офанзивниот среден ред, како вистински претставник на аргентинската фудбалска школа, барем така тврдат од таборот на Вардар.
Најтрофејниот македонски колектив во моментов е во Словенија на подготовки, а за три недели ќе го почне настапот во квалификациите за Конференциската лига и тоа со двомеч со тимот на Ла Фиорита од Сан Марино.