
Жељко Обрадовиќ не планира да се врати на клупата на Партизан!
Легендарниот стратег одлучи до крајот на првенството тимот да го води помошникот Богдан Караичиќ, кој го менуваше додека ја одработуваше казната. Одлуката доаѓа во момент кога Партизан, силно ослабен без дури десет отсутни играчи, избори финале во плејофот од КЛС победувајќи го ФМП во „мајсторката“ од полуфиналето.
Иако има право да се врати на клупата во вториот финален натпревар, Обрадовиќ реши да не биде дел од натпреварите. Одлуката е поврзана со неговиот став кон организацијата на српското првенство и начинот на кој беше санкциониран минатата сезона.
„Не посакувам никогаш повторно да водам екипа во српскиот шампионат со луѓето кои во моментов го водат. Скандалот од минатата година остави траги. Ми беше кажано дека натпреварот (финалето против Ц.Звезда-н.з.) продолжува следниот ден, ги испратив играчите дома, а потоа ни јавија да се вратиме. Ние тоа не го направивме и јас добив четири натпревари казна“, рече Обрадовиќ неодамна.
Партизан го одигра полуфиналниот натпревар без десетмина првотимци и со само седум достапни кошаркари – четворица од нив јуниори.