
Бразилците добро почнаа: Ботафого победи, Палмеирас извади бод со Порто (ВИДЕО)
Прв на терен излезе Палмеирас кој на хартија беше аутсајдер со Порто, но сепак успеа да извлече бод, играјќи без голови. Бразилците беа подобар тим и заслужија да победат, но свој ден имаше резервниот, 34-годишен голман на португалскиот тим Клаудио Рамос. Иако последните пет сезони тој забележа само 30 настапи за Порто, сега доби шанса да се истакне и максимално ја искористи.
Имаше 4-5 колосални шанси во кои го спаси Порто со своите интервенции, клучни одбрании смиреност што ги краси ветераните. Да не беше тој, веројатно Палмеирас ќе славеше, а вака сите четири екипи во групата, заедно со Ал Ахли и Интер Мајами се без гол по првото коло.
Актуелниот бразилски и јужноамерикански првак Ботафого во Сиетл се сретна со домашниот тим Саундерс и славеше со 2-1. Тимот од Рио де Жанеиро двата гола ги постигна во првото полувреме, Жаир погоди во 28., а Игор Жезус во 44. минута. Сиетл нмамали преку Ролдан во 74. минута, а во третата минута од судиското продолжение американскиот тим имаше шанса да дојде до бод. Прво Руснак шутираше право во голманот на Ботафого, а потоа Педро де ла Вега од уште подобра позиција го погоди блокот пред голот на противникот.
Така Ботафого дојде до мошне значајни три бода и по првото коло е на делба на првото место заедно со европскиот првак ПСЖ.