Луда приказна: Од магацин на гол против Баерн – со неплатен одмор од работа!

Светското клупско првенство во новиот формат започна во Америка и во наредниот месец ќе ги гледаме најдобрите фудбалери во битка за титулата, а првиот необичен резултат го видовме веќе во вториот натпревар.

По ремито на Интер Мајами и Ал Ахли на отворањето, Баерн Минхен немаше милост и со 10-0 го совлада полуаматерскиот состав на Оукланд.

Оукланд е шампион на Океанија, но во своите редови има и фудбалери за кои фудбалот е само хоби бидејќи работат нешто друго.

Таков случај е со голманот Конор Трејси кој работи како магационер во Нов Зеланд и да настапи на турнирот морал да земе неплатен одмор.

„Морам да комбинирам со годишниот одмор и неплатено отсуство. Ќе плаќам мала кирија со сметки и се останато, но ќе играм против Баерн, Бенфика и Бока, 100% се исплати“, порача Трејси.

Следниот натпревар на Оукланд е на 20 јуни кога ќе се соочи со Бенфика, додека четири дена подоцна овој тим ќе игра против Бока Јуниорс.