Знак на непослушност или непочит: Русите ја пееја својата химна! (ВИДЕО)

Капризов беше херојот на Русија во финалето во хокеј на Зимските олимписки игри (ЗОИ) во Пјонгчанг, откако го постигна решавачкиот гол во продолженијата за конечните 4-3 против Германија.

Русите, кои се натпреваруваа под олимпиското знаме во Пјонгчанг, како казна поради скандалот со системски допинг, успеаа да стигнат до голем успех, а при доделувањето на медалите,  играчите почнаа да ја пеат руската химна, иако во позадина свиреше олимписката химна.

Натпреварот се одигра неколку часови, откако меѓународниот олимписки комитет одлучи да не им дозволи да се појават на затворањето на ЗОИ под руското знаме.

Илија Ковалчук кажа дека играчите дискутирале дали да ја пеат својата химна ако победат, а на крајот сите се согласиле да го направат тоа.

„Знаевме дека ќе го направиме тоа доколку победиме. Ни значи многу победата. Немаме освоено олимписки игри уште од 1992 година. Тоа беше нашиот сон и конечно го исполнивме“, изјави Ковалчук.