Милевски: Македонија може да биде силна само вака - кога функционира како тим!

Македонската фудбалска репрезентација освои вреден бод во натпреварот против Белгија (1-1), еден од фаворитите во групата, во меч на домашен терен во рамките на квалификациите за Светското првенство.

Натпреварот се одигра на Националната арена „Тодор Проески“ пред полни трибини и покажа дисциплинирана и организирана игра на македонскиот состав, дури и во моментите кога губевме и кога немавме среќа поради погодените стативи и поништениот гол на Елмас. По завршувањето на мечот, селекторот Благоја Милевски не го криеше задоволството од прикажаната игра, но остана фокусиран на тоа што следува.

„Голема благодарност до сите што не поддржаа од трибините. Овој резултат ни донесе бод, но мислам дека заслуживме повеќе. Сепак, нема простор за славје – веќе се подготвуваме за дуелот со Казахстан,“ изјави Милевски.

Тој додаде дека тимската игра останува клучна за успехот на репрезентацијата и потенцираше дека следниот натпревар може да биде пресуден.

„Македонија може да биде силна само вака, како тим. Сè уште сме далеку од пласман на Мундијалот. Мечот со Казахстан е можеби најважниот досега – можеби клучен за да останеме конкурентни до самиот крај на средбите во групата“, дополни селекеторот.

Македонија веќе утре патува кон Казахстан, каде што в понеделник ќе го одигра четвртиот натпревар во квалификациите за следниот Мундијал.