Ивановски: Чест, но и обврска е да се игра пред домашна публика во Скопје!

Калин Ивановски ќе биде единствениот македонски претставник во поединечна конкуренција на второто издание на Отвореното првенство на Македонија во Скопје, кое е турнир од челинџер серијата на АТП, каде што во првото коло го очекува дуел со хрватскиот тенисер Мили Пољичак, осми носител и јуниорски шампион на Вимблдон од 2022 година.

Мечот е закажан за утре (вторник), а нашиот тенисер со посебни емоции го најави враќањето на теренот во Скопје:

„Драго ми е што пак сум тука, што ќе играм во Скопје. Секако чест и задоволство е да се игра пред домашната публика – но и обврска да се даде максимумот“, истакна Калин на денешната прес-конференцијата.

Тој додаде дека добро го познава својот противник, бидејќи тренираат во ист клуб и дека очекува квалитетен натпревар. Ивановски минатата година го пропушти турнирот поради повреда, но во изминатиот период настапи на неколку турнири за враќање во натпреварувачка форма. Особено се истакна на турнирот во Опатија, каде преку три квалификациски рунди стигна до финалето, со импресивни седум победи од осум мечеви.

Изминативе денови, четворица македонски тенисери беа елиминирани во квалификациите. Во конкуренцијата на двојки, пак, Ивановски ќе игра во тандем со Берк Бугариќ, додека Амар Хусеиновиќ ќе настапи заедно со Стефан Латино.