
Господски: Дон Карло со една изјава ги „купи“ и навивачите на Барселона
Каталонците со победата над Еспањол од 2-0 официјално го обезбедија првото место две кола пред крајот на сезоната во Ла Лига, а искрена реакција пристигна од клупата на „кралскиот клуб“.
„Барселона одигра брилијантна сезона и заслужено стана шампион. Беа најконстантни во текот на целото првенство и притоа играа прекрасен фудбал. Треба да им се честита“, изјави Анчелоти на денешната прес-конференција пред натпреварот против Севиља.
Италијанецот не заборави да испрати пофалби и кон своите фудбалери, нагласувајќи дека нема никакви забелешки за ангажманот и посветеноста што ја покажале во изминатите сезони.
„Овие фудбалери ми дадоа сè во изминатите четири години. Никогаш нема да ги критикувам, бидејќи знам колку вложија. За мене тие секогаш ќе бидат најдобрите. Клубот за тоа време донесе имиња како Камавинга, Чуамени, Ридигер, Белингем, Ембапе... Што би можел повеќе да барам?“, истакна стратегот на Реал Мадрид.
Анчелоти веќе на почетокот на јуни ќе дебитира како селектор на Бразил каде што повторно ќе има прилика да соработува со дел од фудбалерите на „кралевите“, додека кога е Реал во прашање се очекува пристигнување на Чаби Алонсо.
Фото: Real Madrid C.F/FB