Навивачите на Куманово нападнаа свој кошаркар – прекинат е мечот против МЗТ (ВИДЕО)

Лошата игра на Куманово и огромната негатива против МЗТ Скопје (28-53) на полувреме од вечерашниот полуфинален меч од плејофот донесе огромна нервоза кај навивачите на домашниот тим и голем инцидент во моментите кога кошаркарите заминуваа во соблекувалните.

Тие очигледно беа најразочарани од српскиот интернационалец, Тадија Тадиќ, кој на пат кон местото за одмор беше пресретнат од неколку домашни фанови, кои влегоа во вербален дуел, а потоа се обидоа да му го соблечат дресот. Ова е најверојатно поради разочараност од неговото незалагање, но најверојатно и поради неиграње на првите две средби против аеродромци поради повреда. Инцидентот ескалира, дојде до голема мешаница и туркање на играчите на Куманово со навивачите, кои влегоа во поголем број на терен. Тогаш реагираше полицијата и обезбедувањето, кои некако ја смирија ситуацијата пред таа да ескалира посериозно.

По десетминутната пауза, дојде до смирување на страстите помеѓу Тадиќ и навивачите, но тогаш дојде нова информација која предизвика реакција од трибините. Официјалниот спикер ги извести присутните дека треба да ја напуштат салата на барање на судиите или натпреварот нема да се доигра. Домашните кошаркари излегоа на загревање, но тоа не го направија играчите на МЗТ во исчекување на решение на непријатната ситуација.