Официјално: Реал го потврди првото засилување за идната сезона

Шпанскиот репрезентативец Дин Хујсен официјално е првото засилување за Реал Мадрид за новата сезона.

За тоа се зборуваше и претходните денови, но денеска Реал ги потврди информациите со соопштение објавено на својата интернет страница. Хујсен доаѓа од премиерлигашот Борнмут, а иако не е објавена цената, се шпекулира дека Реал за него ќе плати 59 милиони евра.

 

 

Дефанзивецот потпишал договор на пет сезони и се очекува да биде големо засилување за одбраната на тимот. Во својата кариера, освен за Борнмут, играше и за Јувентус и Рома, а иако настапува за репрезентацијата на Шпанија, роден е во Амстердам и настапуваше за холандските младински селекции.

Интересно е тоа што Реал воопшто не преговараше со Борнмут, туку само со фудбалерот и ја прифати откупната клаузула за Хујсен која изнесува 59 милиони евра, а ќе се плаќа на три рати во текот на една година. Десет проценти од таа сума одат за Јувентус кој лани му го продаде Шпанецот на Борнмут.