Чудо на драфт-лотаријата: Далас со 1,8% шанси, го доби првиот пик

Три месеци откако на неверојатен начин се откажа од Лука Дончиќ, Далас Маверикс доби можност да ја избере својата нова ѕвезда.

Ноќеска се одржа драфт лотаријата, а иако имаше само 1,8% шанси, франшизата од Тексас го доби правото да го бира првиот пик. Јута, Вашингтон и Шарлот имаа по 14%, но Далас имаше повеќе среќа и тоа беше голема победа за генералниот менаџер Нико Херисон кој е жестоко критикуван откако во февруари го прати Дончиќ во Лејкерс.

Извесно е дека Далас ќе го избере Купер Флег од Универзитетот Дјук кој е еден од најдобрите млади американски кошаркари и кому му предвидуваат блескава иднина. Втор ќе бира Сан Антонио кој ќе има можност да донесе уште еден квалитетен играч во тимот, а потоа е Филаделфија.

Интересно е што ова ќе биде втора можност за Далас во историјата, да го бира првиот пик на драфтот. Првата беше во 1981 година кога се одлучи за Марк Агваер, играч кој потоа остана осум години во Далас и три пати беше избран на Ол стар натпреварите.