
Кошаркарите ќе војуваат со Грција или Франција во квалификациите за СП 2027!
Пласман меѓу најдобрите селекции кои ќе ги бијат битките за место на Мундобаскетот ќе обезбедат двете првопласирани од нашата група „Б“, а во зависност од пласманот ќе бидат и имињата на квалификациските противници. Македонија ако биде прва, нешто што се очекува со оглед на односот во квалитет на селекциите, тогаш во првата фаза на патот кон СП за ривали ќе ги има Грција, Португалија и Црна Гора, што може да се оцени како солидна група. Во случај ако жолто-црвените завршат како второпласирани во претквалификациите, тогаш во следната рунда би се нашле во групата Г заедно со Франција, Белгија и Финска, што за нијанса е потешка група од претходната.
Кошаркарите ако го минат претквалификацискиот пекол вторпат ќе влезат во игра за пласман на еден Мундобаскет, со оглед што беа дел од квалификациите за СП 2023, додека не дојдоа до таква можност за СП 2019, кога во претквалификациите не успеаја да ги минат Косово и Естонија.