
Аврамовски со најдобра сезона досега – најефикасен Македонец во странство
Македонскиот офанзивен играч за врска не само што беше стандарден, туку и еден од клучните играчи на двата клуба. Во дресот на Болуспор, во есенскиот дел од сезоната, постигна девет голови и додаде четири асистенции на 18 натпревари – статистика која ретко ја имаат дури и класичните напаѓачи. Пролетта ја продолжи во Игдир, каде што на уште 18 меча запиша четири голови и четири асистенции.
Со вкупен ефект од 13 голови и осум асистенции на 36 натпревари, Аврамовски се искачи на седмото место според напаѓачки учинок во целата турска Втора лига. Но уште поважно – тој стана најефикасниот македонски фудбалер во странство сезонава. Ниту еден друг наш интернационалец нема двоцифрен број голови.
„Навистина се пронајдов во Турција изминативе 18 месеци, а за мојата форма секако придонес имаат и моите соиграчи и во Болуспор и сега во Игдир. Го знам квалитетот тука, бидејќи претходно настапував и за Кајсериспор. Се надевам дека и идната сезона ќе продолжам со добрите игри, а мислам дека можам и подобро и дополнително да напредувам. Турскиот фудбал е исклучително силен како Суперлигата, така и Втората лига. За гигантите Галатасарај, Фенербахче, Бешикташ не треба да се трошат зборови, сите знаеме со какви играчи располагаат, а самиот факт што тука како тренери работат Жозе Мурињо и Оле Гунар Солшер исто така кажува многу. Имам договор со Игдир до јуни 2026 година, имав одлична полусезона и бев прекрасно прифатен од тимот, а што ќе донесе иднината ќе видиме“, изјави Аврамовски.
Неговата сегашна форма е потсетник на потенцијалот кој го покажуваше уште како младинец, кога и направи голем трансфер во Црвена звезда, а подоцна и како носител на играта во Вардар.
Последен пат кога имаше сличен голгетерски ефект беше во сезоната 2019/2020 со „црвено-црните“, кога постигна 10 голови на 22 натпревари и беше еден од хероите на последната шампионска титула на Вардар.
Сега, на 30 години, Аврамовски повторно тропа на вратата на македонската репрезентација. За сениорскиот тим досега има осум настапи, а последен пат го носеше националниот дрес во 2021 година, при ремито со Исланд во Рекјавик.
„За македонската репрезентација играв за У-21, но и за сениорите и секогаш сум го давал максимумот за националниот тим. Не треба да се напоменува што значи репрезентацијата за еден фудбалер, а за Македонија секогаш сум на располагање да помогнам со моето знаење и искуство“, додава популарниот „Цујо“.
Со вакви бројки, Аврамовски заслужено повторно влегува во разговорите за кам-бек во националниот тим.