МЗТ малку потешко од првиот пат пак го совлада Куманово и е на чекор до 19. финале (ФОТО)

Кошаркарите на МЗТ Скопје се на чекор до пласман во 19. финале од плејофот во клупската историја, откако вечерва и вторпат по ред го совладаа Куманово (82-76) во полуфиналната серија што се игра до три победи.

Гостите овој пат почнаа посилно од пред три дена, па по само неколку минути дојдоа и до предност со само осум поени разлика (11-3). Тоа како да ги подразбуди сино-белите, кои вратија со 11 поени во низа со што го презедоа водството, кое потоа не го испуштија од раце. Мечот беше релативно неизвесен во првото полувреме, во кое фаворитот цело време водеше, но ниту еднаш со двоцифрена разлика.

Тоа се случи во третиот период, кога „металците“ во неколку наврати водеа со плус 12 (55-43), но пак се опуштија што кумановци го искористија да намалат на само минус три (62-65) пред крајот на четвртината. Тоа беше се од гостинската екипа, бидејќи актуелниот шампион во продолжение со серија 14-2 дојде до највисоките плус 15 (79-64) со што го реши прашањето околу победникот.

Дион Едвид со 22 поени беше убедливо најпрецизен кај МЗТ Скопје, каде што двоцифрен ефект имаа уште и Бојан Крстевски со 12 и Андреј Андоноски со 10 поени. Ренато Димитриевски со 22 поени беше најефикасен кај Куманово.

Аеродромци првата „меч топка“ за 19-то финале ќе ја имаат в сабота, кога се игра третиот дуел, овој пат во Куманово.