Баерн ништо не остава на случајноста - потпишал два преддоговора со Вирц

Најголемиот талент во германскиот фудбал Флоријан Вирц летово извесно ќе го напушти Баер Леверкузен откако цела година се водеше жестока битка за неговиот потпис.

Во играта беше Реал Мадрид, особено поради тоа што сите очекуваа на клупата на „кралскиот клуб“ да седне Чаби Алонсо и со себе да го донесе фудбалерот со кого последната година освои три трофеи. Сепак, по се изгледа, Баерн повторно ќе ја уништи конкуренцијата со тоа што ќе го донесе Вирц во своите редови и за тоа ќе плати дебела отштета.

За да биде сигурен во работата и за да не им остави ни трошка надеж на конкурентите, Баерн веќе потпишал два преддоговора со германскиот репрезентативец. Едниот се однесува на трансфер претстојното лето, а вториот за 2026 година, во случај Вирц да реши да остане уште една сезона во Баер, со оглед на тоа што има важечки договор со „фармацевтите“.

Финансиски, на Баерн повеќе би му одговарало трансферот да се реализира догодина бидејќи така Вирц ќе влезе во последната сезона од договорот со Баер и ќе може да го добие по поповолна цена. Сепак, ако сака да ги нападне сите трофеи, вклучувајќи го и тој од Лигата на шампионите, во атак ќе тргне ова лето.

Математиката е интересна, Баер бара 150 милиони, Баерн нуди 100 милиони, а германските медиуми тврдат дека ќе се најдат на половина - на 125 милиони евра. Вирц ќе потпише петгодишен договор за 25 милиони евра по сезона.