
Интер ја доби полуфиналната пресметка на векот, нероазурите се во финале! (ВИДЕО)
Ретко кој ќе помислеше дека лудиот меч од Барселона може да се повтори и во Милано, но не само што се случи тоа, туку беше кренато нивото на возбуда на уште повисоко ниво.
Натпреварот почна фантастично за Интер, во 21. минута Лаутаро Мартинез по асистенција од Думфрис погоди за водство од 1-0, а во судиското продолжение од првиот дел Чалханоглу погоди од пенал за предност од 2-0.
Но, во вториот дел следуваше епски пресврт на Барселона. Во 54. минута Ерик Гарсија намали на 2-1 и го најави шоуто на неговиот тим.
Шест минути подоцна Дани Олмо реализираше со глава за 2-2, а во 87. минута Рафиња погоди за комплетен пресврт и водство на Барселона од 3-2.
Во тие моменти се чинеше дека Барселона ќе оди во финалето, но така не мислеше и Ачерби кој даде гол во 93. минута за 3-3. Натпреварот отиде во продолженија.
Течеше 99. минута кога Фратези одлично пласираше во мрежата на Шчесни за водство на Интер од 4-3, што беше и конечен резултат.
Барса до последен момент се обидуваше да избегне елиминација, но Интер го имаше фантастичниот Зомер кој правеше чуда на голот.
Интер во финалето ќе го чека подобриот од дуелот меѓу ПСЖ и Арсенал. Францускиот тим има предност од 1-0 по првиот меч.