МЗТ и со трета тренинг-победа над Феникс прв го осигура местото во полуфиналето!

Кошаркарите на МЗТ Скопје се први полуфиналисти во годинешниот плејоф, откако во чудниот пладневен термин во работен ден, трет пат по ред го совладаа соседот од „Јане Сандански“, тимот на Феникс (84-62), овој пат како гости на домашен терен.

Сите дилеми околу победникот и овој пат беа решени уште во првата четвртина, која шампионот ја доби со 23-12, а се после тоа беше само рутинско одработување на задачата. Милош Копривица со 16 поени и девет скока беше прво име во победничкиот тим, Бојан Крстевски реализира 14 поени, додека Марин Петков постигна 11 поени со четири скока, а Андреј Магдевски заврши со 10 поени, осум скока и пет асистенции.

МЗТ за полуфинален противник го чека победникот од серијата помеѓу Куманово и Кожув, во која кумановци водат со 2-0 во пресрет на вечерашниот трет дуел закажан во Гевгелија (19 часот). Вечерва се играат уште и третите средби во сериите помеѓу Чаир 2030 и ТФТ (19 часот) и Пелистер против Работнички (19 часот), во кое гостинските тимови имаа водство со 2-0.