
Пелистер: Имаме право да не играме против Работнички, но - нема да го сториме тоа!
Од клубот истакнуваат дека и по повеќе од два месеца од поднесување на легитимно барање за увид во списокот на клубови кои имаат финансиски обврски кон федерацијата, од Куќата на кошарката немаат добиено никаков одговор.
„Како клуб што редовно ги подмирува своите обврски, имаме право да знаеме кои клубови се кредитирани од страна на федерацијата. Наместо да ги плаќаат казните, дел од нив инвестираат во нови засилувања, што сериозно го нарушува регуларниот тек на првенството,“ стои во соопштението на Пелистер.
Дополнително, клубот го посочува и проблемот со ненавремено делегирање на судии и известување за термини на натпревари. Како пример, се наведува воведниот плејоф дуел со Работнички, кој е закажан за утре во 16.30 часот, но за кој биле официјално информирани нешто повеќе од 24 часа пред натпреварот, што, според нив, е недозволиво.
„Имаме право да не се појавиме на натпреварот, но нема да го сториме тоа. Пелистер останува посветен на спортска борба на теренот, без разлика на игрите зад сцената“, порачуваат од клубот.
На крајот, од Пелистер потенцираат дека нивното финансиско здравје не е резултат на голем буџет, туку на одговорно и домаќинско управување со ресурсите, што, како што велат, не може да се каже за дел од останатите клубови. Целото соопштение може да го прочитате ТУКА.