Работнички го пречекува Пелистер, а Вардар ѝ гостува на Воска

Денеска од 16 часот ќе се одиграат натпреварите од 28. коло во Првата македонска фудбалска лига, при што следат неколку интересни средби во борбата за опстанок, но и за излез во Европа.

Работнички се наоѓа во мини-криза и на последните два натпревари освои само бод, со што испадна од трката за шампионската титула, но може и да го загрози местото кое му носи излез во Европа.

Екипата од Дебар Маало денеска го пречекува Пелистер, кој има дури четири порази на последните пет меча во Првата лига, па ќе се обиде да ја искористи кризата во редовите на битолчани за да им се врати на победите.

Гостивар и Струга сè уште се во трка за третата позиција која носи место во европските купови, па денеска во меѓусебен дуел ќе решат многу дилеми за тоа кој ќе се вклучи во трката за третата позиција во шампионатот.

Вардар игра многу подобро од почетокот на вториот дел од сезоната и избега од опасната зона, односно се наоѓа речиси на средината на табелата, а денеска сака да продолжи со позитивните резултати на незгодното гостување кај последнопласираната Воска Спорт, која не смее да си дозволи нов пораз ако сака да ги задржи шансите за опстанок во елитата.

28. коло - Прва лига - 16 часот:

Беса – Шкендија
Работнички – Пелистер
Шкупи – Силекс
Струга – Гостивар
Тиквеш – Брера Струмица
Воска - Вардар