Македонско кошаркарско самоубиство – одиграни само пет кола во дури 50 дена!

Додека во нормалните европски држави првенствата како се приближуваат кон крајот го забрзуваат ритамот, па клубовите редовно играат по два, па дури и три меча неделно, во нашата жална Македонија кошаркарите играат пензионерски - буквално еднаш во десет дена.

Како збир на лошо одредениот календар и распоред, во што влегува и чудното и нерезонско укинување на Суперлигата со што драстично се намали бројот на натпревари, нашите кошаркарски клубови во последните 50 дена одиграа по само - пет меча. По крајот на завршниот турнир од Купот на Македонија кон средината на февруари, до сега се „одработени“ само пет кола, а во последните десет дена се нема одиграно ниту еден натпревар поради штрајкот на судиите.

Ова Дефинитивно смешна бројка за професионална конкуренција, каде што актерите на теренот добиваат огромни плати, неретко и до 10 пати поголеми од примањата на просечниот Македонец. Но, кошаркарите не се виновни за ваквиот башибозук, бидејќи не можат да влијаат врз календарот и начинот кога и зошто ќе се игра. Виновни се луѓето кои ја предводат македонската кошарка, првенствено поради немањето желба да се направи квалитетна и професионална лига, со строго определени правила и без никакви проблеми налик на сегашните со неплаќањето на официјалните лица.

А наместо да се користи секој ден за да се продолжи сезоната, со што би се скратиле маките на тренерите, играчите и на вљубениците во кошарката, судиите решија да си го искористат продолжениот велигденски викенд за прошетки во и надвор од држата, па дури следната среда да се вратат на паркетот. И тоа условно, со закана ако не ги добијат заработените пари во најкус можен рок повторно да го активираат штрајкот, што би бил тотален крах за макбаскетот.