Шчесни во Барса е на чекор да израмни рекорд на големиот Кројф!

Барселона принудно по повредата на Марк Андре Тер Штеген го ангажираше Војчех Шчесни кој претходно веќе објави пензија, а полскиот чувар на мрежата во Каталонија ги надмина сите очекувања.

Дебито Шчесни го имаше во Копа дел Реј против нисколигашот Барбастро и оттогаш е незаменлив на голот, но и непоразен. Го пропушти само натпреварот против Бетис поради црвен картон претходно во финалето од Суперкупот.

Барселона со него на голот е во серија од 22 натпревари без пораз и ако се бројат само натпреварите од почетокот на 2025 година, Барса е на 19 победи и четири нерешени што е најдобар почеток на една календарска година за каталонскиот гигант.

Најдобар дебитант во Барселона е Јохан Кројф кој во 1973 година стартуваше со 23 натпревари без пораз, па така на Шчесни му треба само еден натпревар за да го израмни неговиот рекорд.