Победа бара ФФМ парично да ги обештети поради судиските грешки!

Победа ја почна пролетната полусезона во ПМФЛ со реми против Пелистер и убедлив пораз од Вардар, што доаѓа како разочарување по активниот јануарски пазар. Затоа в.д. претседателката, Ирена Јакимовска, денеска имаше средба со новинарите и изнесе неколку предлози до Фудбалската федерација (ФФМ).

Јакимовска веднаш се огради дека не обвинува никого за резултатите и дека одговорноста е на Победа, меѓутоа потсети дека имаше недосуден пенал за нејзиниот клуб против Пелистер и уште некои одлуки на мечот со Вардар. Ѝ порача на ФФМ да воведе системски промени, со кои ќе биде поголема одговорноста кон клубовите. Не само дисциплинска мерка за судијата, туку и финансиски да бидат обештетени клубовите.

„Моја препорака до ФФМ е да се најде правилен систем не во однос на дисциплинска мерка во однос на судијата кој не донесол соодветна правилна одлука, бидејќи таа дисциплинска мерка е само на судијата, клубот не добива ништо, останува без поени, кои не може да ги врати и со финансиски трошок за ревидирање на истото. Доколку постои систем каде одговорноста на судијата ќе биде поголема, не само по однос на негова дисциплинска мерка и самата Федерација да има одговорност кон клубот за кој што комисијата ќе одлучи дека е оштетен по основ на поени и истиот да се обештети финансиски (како што клубовите плаќаат за секој жолт или црвен картон, или жалби). Сметаме дека дека на ваков начин ќе се редуцира степенот на носење на грешки при одлуките на судиите“, смета Јакимовска. 

Според неа, не им треба компензација на одлуки во корист и на двата тима, како што било во натпреварот со Вардар, бидејќи со тоа „се урива атмосферата на теренот“. Таквите судиски навики ги наведе како еден од главните фактори поради кои нема публика на македонските прволигашки стадиони. 

„Вчера бевме присутни на еден прекрасен натпревар кој беше максимално коректен од играчите на двата тима и за нас беше задоволство да се биде дел од тој натпревар.  Прекрасен стадион, добар фудбал, но немаше публика. Една од причините е демотивацијата која се случува по одлуките на оние во чии раце е моќта да одлучуваат. Имавме ситуација каде што над еден фудбалер не беа досудени неколку фаули од судијата, меѓутоа она што беш поголема штета е што судјата беше свесен за својата лоша одлука и за да искомпензира не досуди фаули и на спротивната страна. На тој начин, со компензација се прави само негативна атмосфера во самата игра, демотивација и демотивација точно кај гледачите. Од тие причини гледачите губат интерес да присуствуваат на натпреварите“, елаборира Јакимовска.

Како важна точка во својето обраќање го потенцира формирањето на Судиска академија, од која би произлегле нови и квалитетни судиски кадри, па наместо Македонија да се доведе во ситуација да увезува судии, може да извезува и дополнително да заработи..

„Ние сакаме да иницираме само одредени промени. Да се биде судија воопшто не е лесно. Целосно ги разбирам судиите, бидејќи треба да имаат голема и психичка и физичка концентрација и кондиција за да може да се следи целата игра. Но за жал во Македонија има недостиг на квалитетни судии а нивниот број се намалува секој ден, а судиската кариера е со ограничен период. Утре може да дојдеме во ситуација да увезуваме судии, да ги плаќаме поскапо за да ја одржиме нашата лига. А вака со организирање на своевидна Судиската Фудбалска Академија, може да се инвестира во човековите вредности, да создадеме сопствен млад, едуциран и квалитетен судиски кадар, па зошто да не и да извезуваме судии кои на Федерацијата би и носеле и дополнителни приходи, а од друга страна би имале и поквалитетно судење во домашниот фудбал“, додаде Јакимовска.

Комплетната содржина на ова обраќање до медиумите можете да ја прочитате на официјалната Фејсбук-страница на ФК Победа.