МЗТ со камата му се одмазди на ТФТ за потврда на првото место пред плејофот (ФОТО)

Кошаркарите на МЗТ Скопје дефинитивно плејофот ќе го почнат од првата стартна позиција, откако со вечерашната победа на домашен терен против ТФТ (74-68) на две кола пред крајот на регуларниот дел го осигураа лидерското место на табелата.

„Металците“ воедно му се реваншираа за поразот во првиот дел од првенството (70-75) и го испратија во неизвесна битка за втората позиција заедно со Работнички, Куманово, Пелистер и Кожув. Аеродромци клучната предност ја обезбедија во финишот од првата и стартот на втората четвртина, кога со серија 16-3 дојдоа до предност со 14 поени (28-14), која умешно ја задржаа до самиот крај. Двата тима шутираа лошо, домаќинот едвај стигна до 40-отстотна прецизност, додека гостинот застана на 37-отсто, а клучно за триумфот на сино-белите беше огромната доминација во играта под кошеви, каде што имаа дури 17 скокови повеќе (50-33).

Дион Едвин беше најзаслужен за триумфот на составот од Аеродром со 23 поени и 12 скока од кои пет во напад, додека двоцифрен поентерски ефект имаа уште и Војдан Стојановски со 12 поени и Андреј Маслинко со 11 поени и девет скока. Георги Зафиров со 20 поени беше најпрецизен кај популарната Тафта.

МЗТ сега има скор 15-5, додека ТФТ „падна“ на 13-7. Седум порази имаат уште и Работнички и Куманово, но со меч помалку и тоа утрешниот меѓусебен дуел. Кожув има скор 12-8, а осум порази има и Пелистер, но со натпревар помалку, вечерашниот на гости кај Чаир 2030.