Станиќ: Имаме свои идеи, се надевам фудбалерите брзо ќе ги разберат и спроведат!

Новиот селектор на македонската фудбалска репрезентација до 21 година, Горан Станиќ денеска го објави списокот за престојните пријателски натпревари против Белорусија и Азербејџан.

Македонските надежи на 21 март играат со Белорусија со почеток од 14 часот, а четири дена подоцна ќе ги одмерат силите со Азербејџан од 18 часот. Натпреварите се играат во Турција.

Новиот селектор скрои список по негова мерка, ќе почне со нова генерција и ќе се обиде да го вклопи тимот до квалификациите кои почнуваат во септември.

„Ќе го искористиме првиот наш заеднички собир за да ги запознаеме добро фудбалерите со методите на работа, како и тоа што ќе се бара од нив, како на тренинзите, така и на самите натпревари“, вели Станиќ.

„Повикани се фудбалери од нашето првенство кои имаат најголема минутажа во своите клубови. Имаме повикани и неколку играчи од странство за кои сметаме дека може да го подигнат квалитетот на нашата репрезентација. Одредени фудбалери кои не се повикани на овој собир, а се потенцијални репрезентативни кандидати, ќе добијат можност на следниот собир кон крајот на мај“.

„Очекувам дека идеите што ги имаме ние како стручен штаб ќе успеат самите фудбалери брзо да ги разберат и ефикасно да ги спроведат на теренот. Ке се потрудиме максимално подготвено да ги дочекаме квалификациите за пласман на ЕП кој ќе стартуваат во септември“.

„Во рамки на овие подготовки ќе одиграме два натпревари против Белорусија и Азербејџан. На двата меча фокусот ќе биде ставен на нашата игра. Се надевам дека сите тактички замисли што ќе ги работиме во текот на подготовките да бидат спроведени на теренот“, рече Станиќ.

Квалификациите за пласман на ЕП 2027 година во Албанија и Србија ги започнуваме на почетокот на септември. Во првото коло играме против Полска на гости. Во второто коло, на домашен терен ја пречекуваме силната репрезентација на Италија.