Пелистер убедливо го победи Шкупи, на ТФТ не му оди со Чаир

Пелистер со 103-70 славеше на гостувањето кај Шкупи, а ТФТ Скопје уште еднаш оваа сезона е поразен од Чаир, овојпат загуби со 84-62.

Пелистер со 33 поени разлика го прегазија тимот на Шкупи. Прашањето околу победникот беше решен уште во првото полувреме, клучна беше втората четвртина која битолскиот тим ја доби со 31-10. На одморот се замина со предност за Пелистер од 58-32.

Во вториот дел Пелистер продолжи да го полни кошот на Шкупи за на крајот да дојде до убедлив триумф од 103-70.

Ѕвезда на мечот беше Мишковиќ кој постигна 33 поени, а имаше и 10 скокови, најефикасен кај Шкупи беше Сила со 22 поени и 13 скокови.

ТФТ е во криза, загуби третпат во последните четири кола, а вторпат оваа сезона губи од Чаир. Овојпат тоа беше убедливо со 84-62.

Дека момците од Тафталиџе ги очекува дебакл беше најавено уште во првата четвртина во која постигнаа само девет поени, а примија дури 31. 

Откако дојде до големото водство Чаир го контролираше мечот, не дозволи противникот да се симне на едноцифрена негатива.

Најефикасен кај Чаир и на мечот беше Диванте Морис со 23 поени и 10 скокови, Кели реализираше 19. Најдобар кај ТФТ беше Гарет Браун со 12 поени, тој беше и единствениот двоцифрен во својот тим.