Интер го скрши отпорот на Џенова и барем 15 часа ќе биде лидер во Серија А (ВИДЕО)

Актуелниот италијански шампион Интер оствари тешка, но исклучително важна победа во борбата за титулата во Серија А откако вечерва на домашен терен ја совлада Џенова со 1-0.

Натпреварот беше далеку од интересен и возбудлив, но се водеше жестока борба меѓу двата гола. Интер имаше нешто поголема иницијатива, но тешко успеваше да се пробие до противничкиот шеснаесетник и да го загрози Леали. Моментот на одлука се случи во 78. минута кога Чалханоглу испрати еден центаршут, а Лаутаро Мартинез најдобро се снајде во шеснаесетникот и ја затресе мрежата на Џенова.

Со овој триумф, Интер се искачи на првото место на табелата во Серија А барем до утре попладне имајќи предвид дека Наполи својот меч од ова коло го игра против Комо од 12:30 часот. Идната недела е дербито на сезоната, меѓу Наполи и Интер во Неапол.