Шок на турнирот во Рио: Вториот светски рекет поразен од – тотален анонимус!

Големо изненадување се случи на турнирот во Рио де Жанеиро – вториот тенисер во светот, Александар Зверев, неочекувано беше елиминиран во четвртфиналето, откако загуби од 86-от играч на АТП-листата, Франсиско Комесана.

Зверев имаше предност од 4-1 во третиот решавачки сет, но Аргентинецот освои пет гема по ред и го комплетираше пресвртот, славејќи со 6-4, 3-6, 6-4. Ова е голем неуспех за фаворизираниот Германец, кој претрпе втора последователна елиминација во четвртфинале на турнирите во Јужна Америка, по поразот во Буенос Аирес. Овие резултати се сериозен удар за неговите амбиции да се доближи до врвот на АТП-листата, каде што води Јаник Синер, кој е моментално суспендиран. Доколку продолжи со вакви настапи, Зверев тешко ќе успее да му се закани на Италијанецот.

Од друга страна, Комесана ја оствари најголемата победа во кариерата, обезбедувајќи го своето прво АТП-полуфинале. Аргентинецот дојде до овој успех само еден ден откако одигра маратонски меч од три часа против Николас Џари. Публиката за првпат слушна за Комесана минатата година, кога на Вимблдон приреди сензација елиминирајќи го шестиот носител Андреј Рубљов – неговата прва АТП победа, прва победа на гренслем-турнир и прва над тенисер од Топ 10. Во полуфиналето, Комесана ќе се соочи со Французинот Александар Милер, додека другото полуфинале ќе биде аргентински дуел меѓу Себастијан Баез и Факундо Уго Карабели.